Од среда почнува „Вино скоп 2015“

28.09.2015 13:20

Кај спортскиот комплекс „Борис Трајковски“, дваесетина винарии ќе ги презентираат своите производи. Присутните ќе ги дегустираат најдобрите македонски вина...

Од 30-ти септември до 4-ти октомври, ќе се одржи „Вино скоп“ - фестивал на виното и музиката. Кај спортскиот комплекс „Борис Трајковски“, дваесетина винарии ќе ги презентираат своите производи. Присутните ќе ги дегустираат најдобрите македонски вина.

„Целта на манифестацијата што ја организираме е промоција на нашите винарии коишто прозведуваат квалитетни вина што се познати и надвор од нашата држава. Ги повикувам граѓаните на Скопје да дојдат и да уживаат во прекрасните вина и добрата музика на Вино Скоп 2015“, истакна градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Годинава за да биде што повесело на Вино Скоп ќе се погрижат: Дани Димитровска, Сара Мејс, Миле Кузмановски, Куку Леле, Бојан Маровиќ, Eye Cue, Chill Play, Brass Brothers, Тони Зен и Флека, Лозано, Тијана Дапчевиќ, Суперхикс, Ристо Самарџиев, Тајзи, Бета Хаус, Самбанса, Коверленд, Калевала, Влатко Илиевски, Филип Џез Квартет, Дј Славе, Дј Тина, Кепурдат, Rover's Hangover, The Hounds, Караваниа, Дејан Цукиќ ( Бајага и Инструктори) и други.

„Поради тоа што фестивалот од година в година има се поголем број посетители, а плоштадите се во изградба, локацијата е променета. Вино Скоп 2015 ќе се одржи зад Спортскиот центар „Борис Трајковски“ на паркингот кај Аква парк  каде што има голем простор со капацитет за повеќе посетители, како и паркинг места“, изјави Фимка Шопова од организација „Темов“.

За реализација на овој фестивал на виното -Вино Скоп 2015, Градот Скопје од буџетот издвои 500.000 денари.