Зголемен интересот за неформално образование

28.09.2015 13:28

Откако почна верификацијата на програмите за образование на возрасни, во 2012 година, реализирани се преку 60 обуки кои успешно ги завршиле околу 550 учесници...

Се зголемува интересот за неформално образование во земјава. Од 2012-та се верификувани 133 програми за доквалификација. Преку организирање обуки, се повеќе од компаниите се обезбедуваат со дефицитарен кадар.

Интересот на компаниите за обезбедување соодветен квалификуван кадар е значително зголемен. Компаниите веќе се вклучуваат како партнери во нашите програми за доквалификација и преквалификација со цел да си го обезбедат својот дефицитарен кадар, од соодветното занимање, изјави Анета Трајковска од Стопанската комора.

Откако почна верификацијата на програмите за образование на возрасни, во 2012 година, реализирани се преку 60 обуки кои успешно ги завршиле околу 550 учесници. Најголем е интересот за економската, медицинската и угостителско-туристичката струка, како и за делот на личните услуги - фризери и козметичари.