Почина Иван Митевски-Копола, доајенот на телевизиската играна и документарна програма

28.09.2015 15:53

Замина тивко без никој да го чуе, што не е својствено за неговиот живот исполнет со светлините на медиумот. Неговите филмови ја скенираа човековата душа. Болката и осаменоста, но и љубовта и разбирањето. Беше предводник на познатата скопска телевизиска документарна школа...

Си замина нашиот Копола. Во рана есен, годишното доба кое најмногу го сакаше, зашто боите на есента се вселенски и филмски. Замина тивко без никој да го чуе, што не е својствено за неговиот живот исполнет со светлините на медиумот.

Доајенот на телевизиската играна и документарна програма ги направи филмовите „Време на летала“, „Заминување од Пасквелија“, „Трето доба“, „Децата на светот“, „Црвениот трендафил на Скопје“. Направи и стотици документарци и ги освои бројните признанија низ светот, а документарецот „Глас“ влезе во банката на податоци на УНЕСКО. Неговите колеги велат- споменот за него се неговите дела- беше скромен и мил, бескрајно интересен и духовит човек.

„Иван Митевски-Копола всушнот е брендот- синоним за она што се нарекува континуитет и цврста основа на игрантата и документарната програма во МРТ“, вели режисерот Аљоша Симјановски.

„Извонреден професионалец, грижлив родител, извонредно интересен по својот филмски опус. Неговата смрт е огромна загуба за целото македонско гледалиште, за Македонската телевизија“, вели Кирил Тренчевски- раководител на одделение за планирање.

Неговите филмови ја скенираа човековата душа. Болката и осаменоста, но и љубовта и разбирањето. Беше предводник на познатата скопска телевизиска документарна школа. Ги препознаваше младите телевизиски таленти и ги воведуваше во еснафот. Беше близок соработник на најистакнатите дејци во Македонската телевизија. Заминувањето е миг, остануваат делата. Патувај мирно и спокојно Копола.

 

Александра Перевска