Аргировски: Повисоките пензии ќе го подобрат стандардот
Пензионерите се задоволни од новото зголемување. Велат на овој начин се подобрува животниот стандард, особено на оние со пониски пензии...

Растат пензиите, а со тоа и стандардот на 300.000 пензионери во Македонија. Од 5-ти октомври ќе добијат повеќе пари. Септемвриската пензија ќе биде повисока за 621 денар. И за в година, Владата планира пензиите да ги зголеми за 5 насто. Пензионерите се задоволни од новото зголемување. Велат на овој начин се подобрува животниот стандард, особено на оние со пониски пензии.
„Доколку како и минатата година и оваа година инфлацијата е на едно очекувано рамниште, тогаш сигурно ќе биде доволно и тоа што пензиите ќе се зголемат за 650 денари“, изјави претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски.
Од 2006 година, па до сега просечната пензија се зголемила за 70,3 насто. Пред 9 години таа изнесувала 7.638 денари, а сега 13.085. Со тоа се зголеми и просечната пензија во Македонија, изнесува 212 евра и е највисока во регионот, вели Аргировски.
„На тој начин ние ќе имаме многу повисока просечна пензија, за разлика од Србија, каде таа изнесува 190 евра, во Бугарија 170, во Албанија 150 евра“, вели Аргировски.
За пензионерите е многу поважно што тие добиле вакво покачување на пензиите, а не покачување согласно со Законот за усогласување. Доколку се инсистирало на усогласување на пензиите согласно со порастот на платите и на трошоците за живот, пензиите би се покачиле само за околу 0,125 проценти.
Покрај ова, Аргировски потсети и на останатите поволности- бесплатна бањска рекреација, туристички викенд, гратис превоз во автобусите на ЈСП и многу други.
Викторија Милевска
