ФЗОМ ќе ги потсетува хронично болните да прават редовни прегледи
Избегнувањето последици како срцев и мозочен удар, дијализа и други компликации е најважно за овие пациенти...

Осигурениците со дијабетес, кардиолошки и бубрежни болести од идниот месец ќе добиваат повик од Фондот за здравство. Преку телефон, СМС или електронска порака, ќе ги потсетуваат болните да прават редовни контроли и да ја земаат терапијата. Избегнувањето последици како срцев и мозочен удар, дијализа и други компликации е најважно за овие пациенти.
„Компликациите од овие болести го чинат здравствениот систем огромни средства, поентата на проектот не е во тоа Фондот да заштеди, туку овие лица иако се болни, со правилно лекување и придржување на советите од лекарите да имаат квалитетен и нормален живот и да дочекаат длабока старост“, изјави Сашо Стефановски, директор на ФЗОМ.
Преку едукација и позитивни примери можеме да ја подигнеме свеста болните да доживеат длабока старост, велат од Фондот.
„Овие лица покрај главната терапија потребно е да се придржуваат на неколку основни постулати: здрава исхрана, редовна физичка активност, здрави навики, почитување на препораките на лекарите“, вели Орхан Рамадани, директор на ФЗОМ.
Во земјава има повеќе од 154 илјади и 500 осигуреници со дијабетес, кардиолошки и бубрежни заболувања. 15 проценти од нив истовремено имаат две или три заболувања. Најкритични се осигурениците на возраст од 50 до 80 години.
Андријана Атанасовска
