По победата на сепаратистите во Каталонија, Шпанија на праг на политичка криза

28.09.2015 16:36

„Адиос Мадрид, адиос Шпанија“ - ечеше од рано изутрината во Барселона откако во огромно мнозинство каталонците им дадоа поддршка на партиите, поборници за независност на овој регион. Светските медиуми предупредуваат дека земјата е на прагот на голема политичка криза...

Поделени мислења и ставови по историските избори во Каталонија. Само ден откако победија партиите кои се залагаат за независност на Каталонија и отцепување за 18 месеци, светските медиуми предупредуваат дека земјата е на чекор до длабока политичка криза. Можна е и граѓанска непослушност. Официјален Мадрид воопшто не го зема предвид барањето за независност, што уште повеќе ја усложнува ситуацијата.

„Сакам да ја пренесам пораката за мир до каталонскиот народ, но и во останатиот дел на Шпанија. Но ќе нагласам дека сапаратистите никогаш нема да имаат подршка“, изјави премиерот Маријано Рахој.

И граѓаните со различни ставови:

„Ова е најдобро решение во услови на економска блокада која ја имаме од Шпанија во изминатите 15 години.“

„Се надевам дека ваквото решение нема да доведе до судири, и се ќе се реши мирно.“

Желбата за отцепување го сврте светското внимание. Сега е најважно да се сочува мирот, вели Дојче Веле во најновото издание. И порталот Еуроњуз пишува дека жителите на Мадрид не се импресионирани- „загубата на најсилниот економски регион на североистокот на Шпанија би имал несогледливи политички и економски последици за Шпанија“. Германците, пак сметаат дека и по изборите двете земји остануваат нераскинливо поврзани меѓу себе. И аналитичарите се скептични.
„Мислам дека во следната година или две, Каталонија нема да може да дојде до независност. Сега најважна работа е дали победниците ќе бидат во можност да формираат влада која ќе функционира, и да видиме како другата страна ќе реагира на тоа решение“, изјави Мигел Мурадо, политички аналитичар.

Европската комисија засега е без коментар. Од принцип не коментираме регионални избори, како и нивното внатрешно уставно уредување, изјави Маргарититас Шинас, портпаролот на Комисијата. Но, пред изборите ги предупреди каталонците дека доколу дојде до отцепување новата држава автоматски престанува да биде дел од Европската унија, и ќе мора да ја мине целата процедура за исполнување на членство во Унијата.

Победничките сепаратистички партии на вчерашните избори освоија 72 од вкупно 135 места во парламентот, и на тој начин обезбедија мнозинство.

 

Марија Петковска