Со 3,2% раст на БДП, Македонија меѓу најдобрите во регионот

28.09.2015 16:48

Со 3,2% раст на БДП, Македонија е меѓу најдобрите земји во регионот на Југоисточна Европа годинава - стои во извештајот на Светска банка. Земјава е издвоена како позитивен пример со брз раст на вработеноста и намалување на стапката на сиромаштијата. Банката оценува дека растат и предизвиците...

Економскиот раст на шесте земји од Југоисточна Европа закрепнува, но растат  предизвиците, оценува Светска банка во редовниот економски извештај за регионот. Македонија со стапка на раст од 3,2% и Црна Гора се најдобри во Западниот Балкан. Невработеноста и натаму е предизвик за регионот, но Светска банка нагласува дека Македонија и Црна Гора се единствени каде невработеноста е намалена на ниво под онаа во 2009-та. Клучен двигател на растот се јавните инвестиции, намалувањето на цената на суровата нафта и зајакнатата надворешна побарувачка. Вашингтонските банкари препорачуваат решително продолжување на реформите, подобрување на  продуктивноста и конкурентноста.

„3,2 проценти е доста солиден раст кој е втор во регионот. Растот главно беше поддржан од градежништвото, трговијата и останатите услуги, како финансиски и бизнис услуги“, вели Бојан Шимбов, економист во канцеларијата на Светска банка во Република Македонија.

Фискалните дефицити се главен двигател на јавниот долг смета банката, посочувајќи ги Албанија, Србија и Црна Гора каде тој надминува 70% од БДП. Зголемувањето на  трошењата е суверена одлука на секоја земја, вели в.д. директорот на Светска банка во Македонија, Горан Тињиќ, Коментирајќи го растот на пензиите и социјалните надоместоци.

„Генерално гледано кога се зголемуваат трошењата за плати, пензии или социјални надоместоци, тоа се апсолутно легитимни трошоци. Во некоја земја може да имате мали трошоци за социјална помош и тогаш таа потрошувачка треба да се зголеми за да им се овозможи соодветна помош на најзагрозените категории. Истото се однесува и на пензиите. Но, треба да се води сметка како тоа ќе влијае на инвестициите, особено  на капиталните“, смета Тињиќ.

Трговскиот дефицит продолжува да се намалува, а извозот расте побрзо од увозот, покажува извештајот за македонската економија. Светска банка смета дема Србија и Македонија се земји кои имаат дополнителни фискални трошоци поради бранот мигранти кои транзитираат и најави подготвеност да помогне, изразувајќи надеж дека затворањето на границите и транспортните коридори во регионот ќе бидат брзо надминати.

Свето Николовски