Финансирање на големи енергетски проекти
Во овој момент и во државата и во ЕЛЕМ се разгледуваат големи енергетски проекти, соопшти вицепремиерот Пешевски...
Експерти од Mеѓународната агенција за атомска енергија пристигнаа во Mакедонија. Со надлежните од земјава разменуваа знаења и искуства за финансирање големи енергетски проекти, вредни стотици милиони долари, кои се потребни за поконкурентна економија.
„Фактот што работилницата се организира со МААЕ не значи дека разгледуваме изградба на некаква нуклеарна централа во Република Македонија. Но, сепак потребно е да се имаат знаењата дури и ако некоја од соседните држави има некоја таква иницијатива, бидејќи секојпат, согласно меѓународната регулатива, потребно е согласност, а доколку постои можност и учество на соседните држави. Затоа Македонија е должна да биде спремна да одговри на ваквите барања“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Тој нагласи дека работилница ќе биде од корист за сите, бидејќи, како што рече, во овој момент и во државата и во ЕЛЕМ се разгледуваат големи енергетски проекти.
Директорот на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски посочи дека финасирањето на големите проекти во енергетиката, а посебно во нуклеарната енергетика, бара големи познавања, вкулучувајќи и воспоставување на соодветна правна рамка, инволвирање на голем број заинтересирани страни, локациски истражувања, истражувања од областа на заштитата на животната средина, едукација на кадри.