Акција „Мрежа“: Запленети 12 килограми марихуана

29.09.2015 14:10

Полицијата поднесе кривична пријава против осум лица поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”...

Министерството за внатрешни работи, во рамки на оперативната акција „Мрежа“ за сузбивање трговија со дрога, реалзираше три одвоени случаи на недозволена трговија со дрога при што запленети скоро 12 килограми марихуана.

Полицијата поднесе кривична пријава против осум лица поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по Кривичниот законик на Р. Македонија.

Во првиот случај на 27 септември во 22,50  часот  на патарината Тетово, патен правец Тетово-Гостивар од страна на полициски службеници при обид да се сопре патничко моторно возило марка “Фолксваген Фајтон“ со скопски регистарски ознаки не застанало, односно ја пробило рампата на патарината по што од страна на друга полициска екипа возилото е запрено.

По извршен преглед над возилото,кое го управувал Џ.Б. (27) од Студеничани, Скопско, а совозач бил Р.Џ. (27), исто така, од Студеничани, во задниот дел, поточно на подот позади совозачкото седиште, пронајдена е една најлонска вреќа бела боја во која имало четири полиетиленски пакувања облепени со кафена самолеплива лента исполенти со растителна материја со зелена боја во тежина од околу шест килограми, соопшти МВР.

Во вториот случај запленети се околу три килограми марихуана и од слобода се лишени три лица, додека уште две други лица во моментов се недостапни на органите на прогон. Имено од слобода се лишени лицата И.Ш.(30) и С.А.(24) и двајцата од Скопје, а со заплената се поврзува и А.К.(37) од село Кондово кој во моментов  се наоѓа на издржување казна затвор.

Во третиот случај на 24-ти овој месец на патниот правец Прилеп-Скопје при рутинска контрола запрено е патничко моторно возило “Ауди А6“ со бугарски регистарски ознаки управувано од К.К.(37), од  село Чифлик, општина Чешиново Облешево. При извршената контрола на возилото во предниот дел од хаубата пронајдени се три поголеми паковки со растителна зелена материја спакувани во најлонски кеси.