Мисајловски во Брисел на средба со директорот на „Евроконтрол“

29.09.2015 14:20

Разговарале за реформите што ги спроведува Македонија за делот на цивилното воздухопловство, а разгледана е и можноста за зголемување на капацитетите на македонската навигација ...

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Горан Јандреоски денеска во Брисел се сретнаа со генералниот директор на „Евроконтрол“, Франк Бренер. Разговарале за реформите што ги спроведува Македонија за делот на цивилното воздухопловство, а разгледана е и можноста за зголемување на капацитетите на македонската навигација преку вклучување на М-НАВ во системот на централизирани услуги на „Евроконтрол“, соопшти ресорното министерство.

„Фактот дека прв пат министер за транспорт од Република Македонија е во посета на „Евроконтрол“, ја покажува стратешката определба на ова европско тело во реализацијата на проекти од заеднички интерес. На средбата директно отворивме неколку прашања што не засегаат и двете страни. Разговаравме за идејата М-НАВ да се вклучи во еден централизиран систем на услуги што ќе ги нуди во име на „Евроконтрол“ и за тоа како Влада даваме целосна поддршка. Со тоа сметаме дека македонската навигација дополнително ќе ги зголеми своите капацитети како од аспект на финансиското работење така и од аспект на продуцирање на нови кадри и услуги што ќе се нудат на останатите национални провајдери. Разговараме и идните инвестиции што ќе ги преземеме како Влада за развој на овој сектор“, изјави министерот Мисајловски. 

Министерот Мисајловски дал уверување дека Владата ќе создаде правни услови со цел да и се овозможи на М-НАВ да нуди услуги на други национални провајдери во име на „Евроконтрол“.  

Директорот на „Евроконтрол“, Бренер, изразил задоволство за сите проекти што се реализираат во македонското воздухопловство и дал уверување дека ќе ги поддржи проектите кои се во насока на развојот на цивилната авијација во Македонија.