ИЗИИС одликуван со Орден за заслуги за Македонија
Орден за заслуги за Македонија, за Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Високото признание го врачи претседателот Иванов...

Во 2013-та ИЗИИС беше прогласен за институт на УНЕСКО. Со тоа не само што стана прва институција на УНЕСКО во Македонија, туку и единствен институт на УНЕСКО во светот што работи на полето на земјотресното инженерство, сеизмологијата и намалувањето на ризиците од големите земјотреси.
Во 1981-та година, Институтот ја инсталираше најголемата и најсовремена сеизмичка платформа во Европа и денес тоа е една од најсовремените платформи во светот, рече претседателот Иванов.
„Целта на Институтот е сеизмички да ја обезбеди најголемата вредност што постои - човечкиот живот. Со сета своја професионалност и посветеност, Институтот ни дава сигурност и извесност. Извесност дека што и да се случи, нашите деца нема да останат без покрив над главата, дека нашите домови, училишта, болници, нашите фабрики и мостови ќе ги издржат можните земјотреси“, рече претседателот Ѓорге Иванов.
Експертите од ИЗИИС се ангажирани во многу држави низ светот, а оваа награда ги обврзува вработените и натаму да бидат амбасадори на македонската наука во светот, рече директорот Михаил Гаревски.
„Особено е важно доделувањето на оваа награда, во годината кога Институтот слави 50 години од своето постоење. Овие резултати се резултат на целокупното залагање на сите вработени во институтот“, нагласи директорот на ИЗИИС, Михаил Гаревски.
Во изминатиот половина век, ИЗИИС давал стручни мислења за сеизмичките параметри на брани, хидроцентрали и нуклеарни централи. Направил и сеизмички тестови за платформи на голем број компании, меѓу кои и за Сименс. За своите активности бил одликуван со многу награди, меѓу кои и со највисоката во поранешна Југославија „АВНОЈ“.
Александра Перевска
