Формирана Управа за електронско здравство
Годинава во системот „Мој термин“ се регистрирани над пет милиони упати, евидентирани со милион пациенти, и подигнати над 15 милиони лекови...

Со одлука на Владата е формирана Управа за електронско здравство како посебен орган во состав на Министерството за здравство. Управата за електронско здравство ќе има повеќе надлежности, а меѓу побитните се континуирана надградба, оптимизација и управување на интегрираниот здравствен информатички систем „Мој термин“ со нови функционалности и модули. Годинава во системот се регистрирани над пет милиони упати, евидентирани со милион пациенти, и подигнати над 15 милиони лекови.
„МојТермин“ е повеќе од систем за закажување на прегледи. „МојТермин“ е централизиран он лајн систем кој овозможува во реално време добивање податоци за пациентите, докторите, здравствените услуги кои се исклучително значајни за градењето на здравствената политика во државата. „МојТермин“ беше една од клучните реформи во здравството која не искачи високо на рангирањето на европскиот здравствен потрошувачки индекс.Системот веќе се препорачува за имплементација во повеќе земји со кои веќе имаме воспоставено комуникација и размена на искуства, рече Милан Аризанкоски, проект-менаџер на Националниот систем за електронски евиденции во здравството „МојТермин“.
Појасни дека многу е важно да постои посебно тело чија основна задача ќе биде имплементација, одржување и надградување на тој систем, кое ќе биде фокусирано на сите аспекти на овој комплексен систем во кој се интегирани сите здравствени установи, аптеки и останати институции од сите три нивоа на здравствена заштита.
