Поголемата социјална помош- значајна за ранливите категории граѓани
Благородна Иванова претседател на Социјалните работници на Македонија, вели дека радува фактот што социјалната помош и догодина ќе биде повисока за 5 насто...

Со покачувањето на социјалната помош државата го подобрува животот на околу 35.000 граѓани од најранливите категории, смета невладиниот сектор. Благородна Иванова претседател на Социјалните работници на Македонија, вели дека радува фактот што социјалната помош и догодина ќе биде повисока за 5 насто. На овој начин, социјално загрозените ќе можат да обезбедат егзистенција за себе и своето семејство.
„Секое покачување на социјалната помош секако иде во прилог на заштита на нивниот стандард , меѓутоа користењето на овие материјални давања мора да биде краткорочнo и побрзо да се преземаат мерки и активности за нивно повторно вработувањe“, изјви Благородна Иванова, претседател на Здружението на социјални работници на Македонија.
Повисоките примања ќе значат и поголема стабилност смета професорката Сунчица Димитроска. Оваа помош им е неопходна, бидејќи дел од примателите на социјална помош се работно неспособни и не можат да обезбедат егзистенција. Со ова ќе можат да ги задоволат основните животни потреби, смета Димитриоска.
„Трендот на зголемување треба да продолжи согласно со зголемувањето на животните трошоци, но ќе бидам искрена, за лицата кои се работно способни се бараат нови форми за надминување на ризик, нивно вработување, односно трајно решавање на ризикот во кој се наоѓаат“, вели универзитетската професорка Сунчица Димитриоска.
Последните податоци покажуваат дека социјалната помош од 2006-та година пораснала за 61 насто, а постојаната за 60. Нашите соговорници се согласни дека државата со низата мерки како што се условен паричен надоместок, обуките во Агенцијата за вработување, бесплатното летување за децата од ранливите семејства, стипендиите, се подобрува животот на овие граѓани, но сепак треба да се изнајде начин како овие лица побрзо да дојдат до работно место.
Викторија Милевска
