Поволни кредитни линии за отворање нови работни места

29.09.2015 16:27

Компаниите можат да добијат од 3 до 23 илјади евра, со камата од 1 процент, долг грејс период, и со рок на враќање од 3 до 7 години. Во тек е јавен повик за уште четири мерки за вработување...

Речиси една деценија во кумановската текстилна фабрика „Босут“ се работи со полна пареа. 290 работници се ангажирани за шиење облека. Растот на компанијата според сопственикот на компанијата се должи и на поволните кредити за вработувања што ги дава државата.

„Ние постоиме 8 години и за 8 години сме користеле повеќе видови на мерки, како што кажа и министерот имаме преку стои млади луѓе во нашата компанија кои се сега основни носители на дејноста која ја работиме“, изјави сопственикот на компанијата, Драган Стефановски.

Министерот за труд и социјална политика, Спасов кој беше во посета на Куманово, изјави дека е во тек оглас за 4 мерки за вработување со кредитирање. Компаниите можат да земат од 3.000 до 23.000 евра во зависност од бројот на вработените.

„Се работи за мерката самовработување со кредитирање за невработени лица и кредитирање за отворање на нови работни места“, изјави министерот Диме Спасов.

„АВРМ од денес ги отвара вратите за сите апликанти, во наредните 10 работни дена. Сите апликации ќе бидат примени и до средината на ноември ќе биде одлучено“, изјави директорот на АВРМ, Влатко Поповски.

Според податоците, преку активните мерки за вработување за 7 години се формирани околу 7000 приватни компании. 70 проценти од нив работат успешно, додека секоја петта компанија го има зголемено бројот на вработените.

 

Наташа Јанчиќ