Индустријата сигнализира дека ќе имаме добар раст
Македонската економија е на добар пат, годинава ќе заврши со добар раст – оценува министерот за финансии Ставрески, по ставовите на Светска банка дека државава заедно со Црна Гора има највисока економска стапка во регионот...

Растот на индустриското производство од 12,7 проценти во август и солидната позитива од 8,4 отсто кај преработувачката индустрија е знак дека годинава ќе имаме добар економски раст, какви што се и очекувањата на светската банка во последниот извештај – оценува првиот финансиер, Зоран Ставрески. Според него, политичката стабилност и долгорочните економски политики се најдобри услови за развој на бизнисот.
„Стопанствениците ги гледаат долгорочните политики како стабилни и како добри, а пред се даночната политика и политиката во делот на работните односи, како и мерките како што е „Македонија вработува“, привлекувањето на странските инвестиции и другите економски политики. Имаме раст и во работењето на странските компании кај производството на машини и опрема, но и во сегментот на традиционалните индустриски дејности како што текстилната, производството на мебел, тутунската“, смета вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Според вицепремиерот Ставревски, причина за остварениот раст е и буџетот со добрата ликвидност и редовното сервисирање на обврските кон стопанството.
„Очекувам македонската индустрија да ја заврши 2015-та година со добра стапка на раст, што ќе биде составен дел на вкупниот раст на македонската економија и ќе влеземе во 2016 година со стапка на раст која ќе биде меѓу највисоките во регионот“, потенцира Ставрески.
Оптимизмот го подгреваат и најавите за новите инвестиции кои се подготуваат за старт на производство.. Резултати даваат и новите владини мерки. Преку „Македонија вработува“, 4.000 компании ангажирале над 6.100 лица, а инвеститорите отвориле над 13.000 работни места.
Поттик на индустријата ќе и даде и буџетот за идната година. Парите за капиталните прокети се проектирани на досега највисоки 400 милиони евра или 12,9% повеќе од лани.
Сунчица Николоска
