Индустријата за градежни материјали во постојан раст

29.09.2015 15:48

Само ефикасен и силен механизам за контрола на квалитетот на градежните материјали што се нудат на пазарот е гаранција за сигурноста на градбите - став на експертите. Со просечна стапка на раст од шест насто, индустријата за градежните материјали е двигател на економскиот развој...

Одржлив раст на домашната градежна индустрија и сигурност на градбите можат да се обезбедат со ефикасен систем на контрола на квалитетот на градежните материјали  кои се нудат на пазарот. Оваа индустриска гранка во последните три години има просечна стапка на раст од 6% годишно, со перспектива за динамизирање поради зголемениот обем на градежни работи.

„Таа е многу битна индустриска гранка во која активно работат 180 фирми со околу 3600 вработени“, изјави министерот за економија, Беким Незири.

Новиот Закон за градежните производи, кој е усогласен со најновите ЕУ регулативи ќе придонесе за  поедноставување на административните постапки и ќе овозможи ефикасна  контрола и сузбивање на сите технички и трговски бариери . Производителите и експертите бараат целосна контрола на квалитетот на градежните материјали и заштита на потрошувачите. 

Потребно е да се има еден силен систем за контрола на градежните производи што се нудат на пазарот во Република Македонија“, вели Борис Хрисафов, цементарница „УСЈЕ“.

„Во Република Македонија се донесени сите стандарди за квалитет на индустријата за градежни материјали и тие се дел од се законската регулатива на земјата, која во голем дел е усогласена со законодавството на ЕУ“, изјави проф. д-р Тони Арангеловски, Градежен факултет- Скопје.

Индустријата на градежни материјали учествува со 7,5% во индустриското производство и бележи постојан раст. Во неа се влезени сериозни странски инвеститори кои заедно со домашните компании постојано ја зголемуваат понудата на градежни материјали од кои добар дел се извезуваат на странските пазари.

Свето Николовски