Лидерски самит за борба против насилниот тероризам
Лидерите на 60-те држави на Kоалицијата за борба против насилниот екстремизам, меѓу кои и премиерот Никола Груевски, на состанокот во Њујорк се обврзаа да продолжат со напорите за борба против Исламската држава и регрутирањето на странски борци...

Насилниот екстремизам е најголемиот предизвик за мирот во светот, што мора да се запре на почетокот. „ИДИЛ е зло и мора да биде запрен, но борбата ќе трае долго“, изјави претседавачот со состанокот на Коалицијата, американскиот претседател Барак Обама.
„Насилниот екстремизам не е поврзан само со една религија. Никој не треба да биде прогонуван поради религијата. Сепак мора да признаеме дека ИДИЛ ги регрутира муслиманите во светот, особено луѓето коишто се збунети или имаат проблем со нивниот идентитет. Во сите наши држави мораме да продолжиме да градиме вистинско партнерство со муслиманските заедници базирани на доверба и соработка“, изјави американскиот претседател Барак Обама.
Владите треба да работат со заедниците за спречување на регрутирање на млади луѓе од страна на Исламската држава. Силните институции и подобрување на економската состојба за младите се начинот за борба против насилниот екстремизам. Македонија е една од 20-те држави на Коалицијата која усвои закон за спречување на регрутирањето на странски борци.
„Имаме добра позиција како земја која има можност да придонесува и е дел од коалицијата во борбата против екстремизмот и различните манифестации на тероризмот. Во рамките на Обединетите нации, Македонија има добра позиција да ги афирмира овие цели и од улогата што ја имаме во регионален контекст како претседавач со Централно Европската Иницијатива. Мислам дека повеќето од дискусиите што досега се одвиваа и на билатерално и на мултибилатерално ниво водат кон тоа дека ќе се очекува зголемен ангажман. Од македонска страна таква порака сигурно ќе произлезе и ние дополнително ќе бидеме поактивни во овој дел“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Земјите членки на коалицијата се заложија за поголема соработка во борбата против насилниот екстремизам, што значи и навремена размена на информации за странските борци. Соединетите Американски Држави воведоа финансиски санкции против 15 поддржувачи на Исламската држава.
Во Европа е формиран Европски форум на социјалните мрежи за спречување на регрутирањето. Коалицијата од 60 држави доби три нови земји членки, Тунис, Нигерија и Малезија. Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун најави дека на идното генерално собрание ќе претстави План за глобална борба против насилниот екстремизам до сите земји членки на светската организација.
И покрај сите напори на Коалицијата на држави за борба против насилниот екстремизам се уште постои голем проблем со странските борци. Според американскиот претседател Барак Обама се уште има околу илјада нови странски борци што годишно се приклучуваат на оваа терористичка организација.
Ирина Гелевска, специјален известувач од Њујорк за МРТ
