Јапонија ќе додели 1,6 милијарди долари помош за бегалците од Сирија и Ирак

30.09.2015 10:54

Јапонскиот премиер Шинзо Абе сепак отфрли каква било можност да прифати бегалци од воените подрачја...

Јапонија годинава ќе додели околу 1,6 милијарди долари помош за бегалците од Сирија и од Ирак и за враќање на мирот во воените зони на Блискиот Исток и во Африка. Јапонскиот премиер Шинзо Абе сепак отфрли каква било можност да прифати бегалци од воените подрачја.

„Најбрзиот начин за решавање на ситуацијата и враќање на мирот е обновата на економијата и да ги изградиме повторно нациите. Јапонија е подготвена да даде голема поддршка за фундаментални решенија со економска помош, образование и здравствена грижа“, изјави Шинзо Абе, премиер на Јапонија.

Јапонија лани им дала азил на само 11 лица од 5 илјади кои поднеле барање. На иницијатива на Германија, Г-7 групата одвои 1,8 милијарди долари за Комесаријатот за бегалци на Обединетите нации и за светската здравствена организација.