„Црвените ѓаволи“ по бодови против Волфсбург
Во претходните две меѓусебни соочувања, Јунајтед двапати го победи Волфсбург во 2009, 2-1 дома и 3-1 на „Фолксваген Арена“...

Манчестер Јунајтед очекува враќање во победнички ритам во Лигата на шампионите. „Црвените ѓаволи“ се надеваат дека Волфсбург е погоден противник за тоа, во групата којашто се искомпликува уште со почетните резултати. Тимот на Луј Ван Гал неславно ја стартуваше евросезоната со поразот од 2-1 од ПСВ Ајндховен, тогаш поради потешка повреда остана и без Лук Шо, но надежите за полн погодок на „Олд Трафорд“ ги темели меѓу другото и на стопроцентниот биланс досега против бундеслигашот.
Во претходните две меѓусебни соочувања, Јунајтед двапати го победи Волфсбург во 2009, 2-1 дома и 3-1 на „Фолксваген Арена“.
Германскиот тим пред две недели ја совлада ЦСКА Москва со 1-0, но нема убави спомени од претходните гостувања во Англија. Загуби на сите три, со дури осум примени гола. Сепак, за него нема поголем мотив од тоа да направи подвиг вечер во Манчестер, бидејќи со триумф би му побегнал на Јунајтед огромни шест бода во групата Б.
Последниот тренинг пред мечот со Волфсбург го пропуштија Керик, Ерера, Валенсија и Рохо – дел од нив претходно беа повредени, дел играа во саботата против Сандерленд.
И Волфсбург има проблеми со повредени играчи. На Олд Трафорд ќе истрча без Виериња, Фелипе и Кнохе, а докрај неизвесен е настапот на Луиз Густаво.
Ниту една германска екипа не ја сочувала својата мрежа на последните 16 средби во Лигата на шампионите против Манчестер Јунајтед. Последен што не примил гол од „црвените ѓаволи“ е Баерн во далечната 2002. Премиерлигашот има поволен биланс против екипите од Бундес Лигата, бидејќи на последните 14 средби со нив забележа 10 победи, а загуби трипати.
