Катица Јанева предложи тим обвинители
Тимот треба да биде потврден на седницата на Советот во најкус можен рок, за да може специјалното обвинителство да почне со работа...

Специјалниот обвинител Катица Јанева до Советот на јавни обвинители достави листа од 14 колеги со кои ќе ги истражува снимките од незаконското преслушување кои се во нејзина надлежност.
Тимот треба да биде потврден на седницата на Советот во најкус можен рок, за да може специјалното обвинителство да почне со работа.
„Во конкретниот случај се работи за истакнати професионалци кои уживаат доверба и висока репутација. Бројот на јавни обвинители е неопходен за успешно работење на специјалното јавно обвинителство, поради што очекувам дека Советот за јавни обвинители, имајќи ги во предвид кратките временски рокови за формирање на тимот во Специјалното јавно обвинителство, ќе ја потврди довербата во колегите за нивен избор“, изјави специјалната обвинителка Јанева.
Нејзини предлози се обвинителите: Артан Ајран, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Дарко Јакимовски, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Ленче Ристовска, Лиле Стефанова, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Снежана Бундалевска, Стевчо Дончев, Трајче Пеливанов и Фатмир Фетаи.
Јанева истакна дека се уште нема добиено дел од снимките, затоа што за тоа ќе биде потребен нејзиниот тим.
