Македонската економија континуирано ја подобрува конкурентноста

30.09.2015 15:56

Од вкупно 140 земји, земјава забележа скок од три места во споредба со лани, а 34 споредено со 2007-та година. Во извештајот за конкурентност за 2015-та, освен Бугарија која е сместена на 54 позиција и Словенија на 59 позиција, Македонија е пред останатите земји од регионот...

Светскиот економски форум ја рангираше Македонија на 60-то место според Глобалниот индекс на конкурентноста. Од вкупно 140 земји, земјава забележа скок од три места во споредба со лани, а 34 споредено со 2007-та година. Во извештајот за конкурентност за 2015-та, освен Бугарија која е сместена на 54 позиција и Словенија на 59 позиција, Македонија е пред останатите земји од регионот. Според вицепремиерот Пешевски, земјава трета година по ред бележи континуирано подобрување.

„Оваа година Македонија е сместена на 60-тото место, со што бележиме подобрување во нашето рангирање за три позиции во однос на минатата година. Ако се погледен во текот на изминатите три години се бележи подорбување за вкупно 20 позиции“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Извештајот  рангирањето го прави врз основа на 115 индикатори. Кај 41 фактор Македонија бележи подобрување, меѓу кои инфраструктура, вклучувајќи ја и авиотранспортната, влијание на деловни прописи врз странски директни инвестиции,  сигурност на банките. За подобрување на конкурентноста за периодот 2014-2020 година на земјата од ЕУ и се на располагање 730 милиони евра за поддршка на конкурентноста, рече евроамбасадорот Орав.

„Европската унија нуди предпристапна помош, од која Македонија може да искористи околу 662 милиони евра“, рече евроамбасадорот Аиво Орав.

Од Националниот совет за претприемништво и конкурентност велат дека предизвиците треба да бидат мотив да се работи на зголемување на ефикасноста и подобрување на иновативноста.

„Основно е дека ќе работиме на зголемување на иновативноста. Иновативноста подразира дека се зголемува продуктивноста во Република Македонија, што е еквивалент на конкурентноста“, вели бизнисменот Тони Петрески.  

Според извештајот, најконкурентни економии на светот се економиите на Швајцарија, Сингапур и САД.

 

Дијана Ценевска