Сиријка се породи во Гевгелија
Породена е сиријка во Гевгелија - на свет донела женско бебе. И двете се во добра состојба. Ова е петти случај на породување на мигрантка во Македонија- на сите досега им била дадена потребната лекарска нега...

Сиријката Менол Суех од Дамск својата прва рожба на свет ја донесе вчера во гевгелиската болница. Роди здраво девојче тешко 3.250 грама и долго 51 сантиметар. Со болки била донесена околу 11 часот, а по два часа се породила по природен пат. И двете се добро. Бебето ќе го пуштат утре, по што ќе го продолжи патот по кој тргнале родителите.
„Породувањето се одвиваше спонтано во главична презентација, на пациентката и е ова прва рожба, породи жив женски плод. Родилката е во одлична кондиција и во текот на вчерашниот и во текот на денешниот ден“, изјави д-р Венци Чалков, Општа болница Гевгелија.
Ова е петти случај да се породи мигрантка во Македонија, информираа од МВР. На сите им била дадена потребната лекарска нега. Со хуманитарниот пристап Македонија им помага на мигрантите во согласност со можностите.
За три месеци полицијата издаде над 100.000 потврди на мигранти за намера за поднесување барање за азил. Само вчера биле издадени околу 2 илјади. Мобилните тимови на Црвениот крст на Табановце им укажале прва помош на 133 лица, додека на граничниот премин кај Гевгелија на 805-мина.
Наташа Гркова- Петрушевска
