Брисел со нова методологија за извештаите за напредок

30.09.2015 16:04

Споредба на реформските процеси на земјите- кандидати за членство, наместо скенирање и интеграција во пакет – Брисел со нова методологија на напредокот. Новиот извештај ќе биде објавен на 14-ти октомври. Што ќе биде запишано во него и дали ќе остане препораката за датум за преговори?

На 14-ти октомври Европската комисија тука во Брисел ќе ги објави годишните извештаи за напредокот на државите- кандидати за членство во Европската унија.

Од дипломатски извори дознаваме дека оваа година ќе се пристапи кон нова методологија по принцип на компарирање на реформските процеси на секоја држава- кандидат за членство. Нов момент од досегашната пракса која се базираше исклучиво на забелешките, ќе биде стратегијата за тоа што и како треба да се постапи во унапредување на реформате во областите кои стандардно се појавуваат во извештаите, како што е јавната администрација, судството, медиумите.

Според еврокомесарот Хан важен е принципот на диференцијација, што знаци дека ќе се вреднува постигнатото од земја до земја. Секако, во овој контекст е важно за Македоонија дека новиот пристап на оценување отстапува од Солунската агенда во делот кадешто се бараше Западниот Балкан во пакет да се вреднува и да се интегрира во Унијата.

Со оглед на тоа што извештаите се подготвуваат и комплетираат до последен момент, сеуште нема ниту драфт извештај за ниту една земја, па оттаму нема ни конкретна информација за нивната содржина.

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ