Поголема заштита на авторските права

30.09.2015 15:39

Денеска истекува рокот за инсталирање систем за електронско евидентирање и обработка на податоците за емитуваните авторски дела во радијата и телевизииите, со кој точно ќе се знае кој автор кога и колку пати е емитуван и врз основа на тоа ќе му се пресметува надомест...

Софтверот за контрола на емитуваните дела треба да воведе ред и транспарентност во исплатата на надоместоците за авторите. Обврска да го инсталираат имаат двете организации за колективно управување на авторските права –здруженијата ЗАМП и Македонската музичка индустрија. Од утре, Комисијата за посредување во авторското и сродните права ќе прави увид и ако системите не се инсталирани, ќе им биде одземена дозволата на здруженијата што ги застапуваат. Министерката Канческа-Милевска апелираше до авторите активно да се борат за своите права.

„Во Република Македонија се евидентирани две здруженија за колективно управување, ЗАМП и ММИ, законот дава можност правата на авторите да бидат управувани  и од повеќе други организации“, изјави Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура.

Со измените на законот за авторското право и сродните права, од користење на авторското дело се ослободени шест категории - занаетчиите, одморалиштата и планинарските домови, трговските и производствените погони, непрофитните радија, јавниот превоз, како и такси возилата, зашто нивниот приход е незначителен во вкупниот фонд.

„Треба да се работи на систем кој што го бара Европа, систем кој ќе овозможи правна сигурност“, вели Родна Живковска, претседател на Комисијата за авторското право и сродните права.

Телевизиите и радијата кои не сакаат да имаат инсталиран систем за евиденција ќе плаќаат загарантиран износ во зависност од тоа дали се национални, регионални или локални. Во декември годинава ќе се донесе тарифникот по кој ќе се пресметуваат надоместоците за авторите. Во измените на Законот не се влезени свадбите кои се најголем проблем во однос на начинот на пресметување и е оставен рок тој да се договори.

 

Александра Перевска