Специјално јавно обвинителство

Јанева го состави тимот од обвинители

30.09.2015 16:22

Специјалната обвинителка, Катица Јанева ги избра најблиските соработници. Листата од 14-те кандидати сега треба да ја потврди Советот на јавни обвинители. Дел од предложените не и се познати на јавноста, дел од нив работеле во големи случаи. „Пуч“ и „Прислушување“ се нивните следни предизвици...

Четиринаесет обвинители ќе бидат најблиските соработници на Катица Јанева, специјалната обвинителка која треба да ги истражува случаите „Пуч“ и „Прислушување“. Јанева до Советот на обвинителите денеска достави предлог листа на свои колеги и побара Советот за нив да даде зелено светло.

„Се работи за истакнати професионалци кои уживаат доверба и висока репутација. Бројот на јавни обвинители е неопходен за успешно работење на специјалното јавно обвинителство, поради што очекувам дека Советот за јавни обвинители, имајќи ги во предвид кратките временски рокови за формирање на тимот во Специјалното јавно обвинителство, ќе ја потврди довербата во колегите за нивен избор“, изјави специјалната обвинителка Јанева.

Дел од обвинителите не и се познати на јавноста,  дел од нив работеле во големи случаи. Обвнителката Лиле Стефанова е единствена на списокот која доаѓа од Обвинителството за организиран криминал и корупција. Зад себе ги има случаите „Претседавач“, „Шпион“, „Ликвидација“и „Фаланга 2“. Под нејзино обвинение беше осуден археологот Паско Кузман. Неодамна го водеше и четиричасовниот распит на поранешниот шеф на тајната полиција Слободан Богоевски за случајот „Маѓар телеком“ за кој е поведена истрага. Дарко Јакимовски го застапува обвинителството во случајот за убиството на Ангел Петковски од скопски Ѓорче Петров, а обвинителката Снежана Бундалевска е позната по случајот „Тајвански кредити“ во кој им се судеше на Васил Тупурковски и на Јован Андонов. Под обвинение на Трајче Пеливанов, докторот Дејан Ставриќ беше осуден на едногодишна затворска казна за земање мито.

Најдоцна до 15-ти октомври треба да бидат избрани и истражителите кои ќе бидат ангажирани во Специјалното јавно обвинителство.

 

Анита Димитријевска