Успешен старт на новиот циклус на саеми за вработување
Саемите за вработување се вистинската можбност да се ефектуира понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Во Прилеп почна првиот од осумте саеми во новиот циклус на Агенцијата за вработување. Интересот на невработените е голем, а се бараат производствените профили. Лани вработени 600, а позитивни се уште 1.500 апликации...

Преку 2.000 апликации невработените упатија до 40 компании на првиот саем за вработување годинава. Во Прилеп успешно почна новиот владин циклус да ги спои понудата и побарувачката на работа во земјава.
„Познавајќи ја целата текстилна индустрија во Прилеп, ќе има нови вработувања. Има доста фирми кои инвестираат во нови објекти“, вели Благоја Конески, сопственик на текстилната конфекција „Хатра“.
„Презадоволни сме од моменталните состојби од Агенцијата за вработување. Моментално ни требаат пекари со работно искуство или шофери кои сакаат да работат“, вели Владимир Апшостолоски, сопственик на пекарницата „Стара фурна“.
Ова е првиот од осумте саеми за вработување во општините во земјава. Целта е јасна- побрзо до работа што се бара.
„Да се создаде можност невработените лица побрзо да стапат во контакт со претставници од приватните компании кои имаат слободни работни места и бараат лица кои би можеле да ги вработат. Истовремено е и можност за помладите кои се во процесот на образование да видат какви струки вештини и занимања се бараат на пазарот на трудот за да се ориентираат каде понатаму“, изјави министерот за труд и социјална политика ДимеСпасов.
Ланското саемско искуство за три месеци донесе нови 600 работни места, 1.500 апликации разгледуваат компаниите, а се праќаат силни пораки до младите за соодветен избор на профилите. Најбарани во тесктилната, металната и сите производни индустрии.
„Да погледнат на саемите какви профили се бараат и да го изберат оној кој се бара на пазарот. Бидејќи со добар избор на образование, нема да бидеме невработени, туку ќе бидеме вработени“, рече директорот на Агенцијата за вработување Владимир Поповски.
Саемот за вработување, индустриските и развојно-технолошките зони на Прилеп му отворија преку 1.500 нови работни места. Преку комуникацијата: бизнис сектор- граѓани, прилепските локални власти очекуваат да се отвори првата општинска берза на трудот.
Вториот саем за вработување е на 7-ми октомври во Велес.
Елизабета Митреска
