За три години, бројот на децата на улица е намален за две третини

30.09.2015 16:35

Во 17 центри за социјална работа се регистрирани 236 деца на улица – покажува последното истражување на Народниот правобранител. Вкупната бројка се намалува, но на листата се појавуваат шест нови градови во кои има деца на улица. Најмалите се на возраст од само неколку месеци...

Осумгодишното момче што го затекнавме како пита на влезот во Старата скопска чаршија го сака сето она што го имаат и неговите врсници. Тој е еден од над 200-те деца кои надлежните ги затекнале на улица како питаат, мијат прозорци на крстосниците или вдишуваат лепило. За 3 години бројот на децата на улица е намален за две третини. Во 2011 година питале над 700 деца.

„Во 2015-та се констатира дека значителен број не се опфатени во образовниот процес, или поради немање на соодветна документација, или поради немање извод од матичната книга на родените, или поради тоа што им е измината возраста за запишување во основното образование“, изјави Васка Бајрамовска- Мустафа, заменик-народен правобранител.

Иако бројот на питачите се намалува, во шест града во 2015 тие се регистрирани за прв пат, констатирале од канцеларијата на Народниот правобранител. Најмногу од нив се Роми.

„Забележавме зголемување на бројот на децата запишани на училиште, но се уште останува многу да се работи, особено за децата на улица. ЕУ ќе продолжи со поддршката за исполнување на правата на децата“, изјави евроамбасадорот Аиво Орав.

Во минатата година на 118 семејства им стигнало предупредување за неправилно воспитување и растење на нивните деца. А за две семејства во Скопје и во Куманово надлежните дале предолг за одземање на родителското право.

 

Наташа Јанчиќ