Заем од Светска Банка: 83 милиони евра за надградба и развој на патишта
Подобрената источна секција од патот на Коридорот 8 ќе придонесе кон зајакнување на интеграцијата на земјата во регионот и во ЕУ, ќе го олесни пристапот до нови пазари, ќе обезбеди подобра поврзаност и пониски трошоци...

Бордот на директори на Светската Банка и одобри заем на Mакедонија од 83 милиони евра за надградба и развој на патишта. Со парите треба да се подобри транспортната поврзаност долж Коридорот 8, меѓу Скопје и Деве Баир.
Со 78 милиони евра ќе се финансира изградбата на нов, поширок пат со две ленти на потегот од Ранковце до Крива Паланка, во должина од над 26 километри. Градежните работи ќе траат 3 години, а патот треба да биде отворен за сообраќај кон крајот на 2019-та година.
Подобрената источна секција од патот на Коридорот 8 ќе придонесе кон зајакнување на интеграцијата на земјата во регионот и во ЕУ, ќе го олесни пристапот до нови пазари, ќе обезбеди подобра поврзаност и пониски трошоци.
Заемот е со рок на доспевање од 28 години и 8 години грејс период. Ова е вкупно трет транспортен проект за патишта кој Светска Банка го финансира во Македонија. Со првиот, кој ќе заврши на крајот од годинава, се рехабилитираа 284 километри регионални и 400 километри локални патишта.
Вториот проект е за подобри магистрални и регионални делници на Коридорот 10 и 8.
