Груевски: Македонската дијаспора значајна за промоција на македонските интереси

01.10.2015 12:03

Премиерот Груевски вчера оствари средба со нашинците од Њу Џерси и Конектикат. Ја истакна значајноста на македонската дијаспора во промоцијата на македонските интереси. Владата и во идниот период ќе продолжи со заложбите за унапредување на соработката со иселениците и со спроведувањето на проекти што се во интерес за дијаспората...

Иселениците се значаен сегмент од македонската нација кои служат како мост за соработка во земјите во кои што живеат. Премиерот Груевски, истакна дека Владата го втемели правото на глас на иселениците, и им се заблагодари на претставниците на македонската дијаспора за промовирањето на нашата држава.

„Лобирате за Македонија, го ширите добриот глас за Македонија, и тоа многу значи. Не е единствено важно тоа некој да го направи во Обединетите Нации или во Белата Куќа или во некои центри, тоа е секако многу важно, но многу е важно, исто така, и ширењето на добриот глас за Македонија насекаде, на секое место, и тој добар глас што се шири за Македонија да стекнува што е можно подобар имиџ“, изјави премиерот Никола Груевски.

Премиерот пред нашинците се осврна и на проектите што се спроведуваат, а се во нивни интерес, како што е проектот преку кој членовите на дијаспората на ефикасен начин може да ги добиваат потребните документи што ги издаваат надлежните органи на Република Македонија. Груевски ги информира и за реформските процеси во државава. Тие пак, се задоволни од ваквите средбите. Велат дека активно работат на промоција на Македонија.

„Се трудиме максимално да остваруваме контакти со бизнисмени кои што се дел од оваа заедница, да се овозможи тие се повеќе да инвестираат во Македонија и се повеќе да остваруваат бизнис контакти со претставниците на бизнис секторот во Македонија“, вели Горан Митевски, стопанственик од Њу Џерси.

„Ваквите посети ќе не сплотат, значи нема да се чувствуваме сами тука, ќе знаеме дека нашата Влада мисли на нас затоа што и ние мислиме на Македонија, постојано и ја посетуваме Македонија. Ја промовираме, кај што ќе најдеме и јас и мојата фамилија ја промовираме нашата држава, и носиме и луѓе да ја посетат, покажуваме слики, настани, покажуваме и културни збиднувања што се случуваат во Македонија“, нагласува Никола Поповски, професор во средно училиште, Њу Џерси.

Иселениците изразија благодарност до премиерот за постојаната комуникација со нив и за реализацијата на проектите кои се од интерес за дијаспората. Велат дека и во наредниот период активно ќе дејствуваат за поддршка на владините политики за привлекување странски инвестиции.

 

Милчо Велески