Македонската бизнис клима привлечна за американските инвеститори

01.10.2015 12:57

Американски бизнисмени ја скенираат Македонија како потенцијална дестинација за нови деловни потфати. На бизнис форум во Њу Џерси, позитивни оценки за поволностите што ги нуди државата на странските инвеститори. Од премиерот, менаџерите на компании од енергетиката, медицинските услуги и прозиводството на мебел слушнаа за условите за бизнис во државата...

Поволната бизнис клима во Македонија, презентирана пред бизнисмени од повеќе сектори  во Њу Џерси. Премиерот Груевски ги претстави позитивните макроекономски индикатори, растот на бруто домашниот производ и извозот од зоните, ниското и умерено ниво на надворешниот државен долг и стабилната стапка на инфлација. Акцентирани се и најниските трошоци за компаниите за водење бизнис во Европа. Осврт даден  и на проектите за намалување на административните бариери  и погодностите во технолошко-индустриските зони.

„Ние сме многу фокусирани на подобрување на бизнис климата. Всушност, тоа е нашата главна преокупација во последните 7-8 години на која работиме на повеќе начини, и тоа за сите инвеститори во земјата, домашни или странски. Како резултат на многу чекори кои ги направи Владата, бизнис климата сериозно се подобри, што се рефлектираше во повеќе извештаи на меѓународни финансиски организации“, изјави премиерот Никола Груевски.

Бизнисмените со позитивна оценка за македонската бизнис клима, особено даночната политика која обезбедува поволност за бизнис секторот.

„Вашите даноци се соодветни и за граѓаните и за компаниите, целиот  даночен систем е добро осмислен и обезбедува долгорочност, со други зборови стабилност, и земјата нема потреба да се грижи за зголемување на даноците, а компаниите не треба да прават промена на нивните инвестициски планови. Слободно можам да кажам дека за некои нешта можеме да учиме од вас“, вели Џон Кулбертсон – енергетска компанија Кулбертсон.

Дел од бизнисмените веќе добро ги проучиле поволностите за инвестирање. Заинтересирани се за почнување и  проширување на нивниот бизнис. Претседавачот со Американско- индонезискиот бизнис свет, Хари Чо кој се занимава со  производството на мебел за луксузни клиенти, изрази намера да ја посети Македонија, како дел од финална анализа да инвестира во неа.

„Мислам дека Владата на Република Македонија е од голема помош за бизнисот во насока на поддршка на инвеститорите. Јас се занимавам со производство на мебел за луксузни хотели и сакам да работам со домашните производители.  Затоа, најпрвин планирам да ја посетам Македонија, да се сретнам со луѓето таму и да видам со што се занимаваат“, изјави Харт Чо- сопственик на компанијата АФМ.

И претставникот од компанијата за медицински услуги, Биосити, нагласи дека поволностите што ги нуди Македонија за странските инвеститори се позитивни. За него земјава е потенцијална дестинација за инвестирање .

„Моите партнери ја посетија Македонија за да направат евалуација на можностите за отворање медицински и центар за трансплантација. Работите кои не заинтересираа се едуцираната работна сила и ниските даноци“, рече Едвард Мајл – компанија Биосити.

Инвестициите во образовниот кадар  се предуслов за квалитна работна сила.  Компаративните предности на Македонија се  едуцираноста и талентираноста на кадрите нагласи Груевски, пред американските бизнисмени.

 

Наташа Гркова- Петрушевска