Сирија- главна тема на средбата меѓу Кери и Лавров
На средбата меѓу државниот секретар на САД, Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, било констатирано дека двете земји мора да најдат начин за решение на кризата, но и двајцата политичари останаа на своите ставови...

Жестоките напади на руските воздухоловни сили врз цели на Исламска држава ја зголемија тензијата на релација Москва- Вашингтон. На средбата меѓу државниот секретар на САД, Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, било констатирано дека двете земји мора да најдат начин за решение на кризата, но и двајцата политичари останаа на своите ставови, односно на кој начин да се дојде до решението.
„Нашиот став е јасен, ние не бараме смена на режимот, ниту разговараме за судбината на легитимниот претседател на земјата. Граѓаните ја одредуваат судбината на претседателот. Повеќепати кажавме дека ние одговараме на барањето на раководството на сирија и помагаме исклучиво во борбата против исламска држава и против другите терористички групации“, изјави Лавров.
„Се согласивме дека што е можно побрзо треба да го решиме проблемот. Ќе останеме во контакт, но мора да има уште една средба“, нагласи Кери.
Сириската опозиција информираше дека во нападите загинале најмалку 36 цивили меѓу нив и 5 деца. Министерот Лавров отфрли секаква можност за напади на цивилни објекти, и потенцираше дека нападите се извршени со голема прецизност.
„Авиони опремени со модерна опрема почнаа напади врз осум цели на Исламска држава. Бомбардирани се магацини на оружје и на гориво и комуникациска опрема. Тие главно се стационирани во планински области“, изјави Игор Климов, претставник на руските воздухопловни сили.
И генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изрази загриженост за нападите. Турската влада денеска ќе одржи вонредна седница посветена на состојбата во Сирија.
Марија Петковска
