Ставрески: 83 милиони евра од Светска банка, ќе се гради Крива Паланка – Ранковце

01.10.2015 15:38

Патот е во должина од 26,5 километри и ќе има по две ленти од двете страни. Градежните работи ќе траат 3 години, а патот треба да биде отворен за сообраќај кон крајот на 2019-та година.

Светска банка го одобри кредитот од 83 милиони евра за изградба на патот од Ранковце до Крива Паланка. Тендерот треба да биде објавен наскоро и напролет да почнат градежните работи, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески  при денешната посета на општина Росоман. Истакна дека тоа е добра вест за жителите на Крива Паланка, Ранковце и цела североисточна Македонија.
 
„Ќе се изгради во еден дел нов експресен пат, а на еден дел ќе се направи реконструкција со што патот ќе биде безбеден за сообраќај и полесен за возачите“, изјави вицепремиерот Ставрески.
 
Патот е во должина од 26,5 километри и ќе има по две ленти од двете страни. Градежните работи ќе траат 3 години, а патот треба да биде отворен за сообраќај кон крајот на 2019-та година.
 
Со парите од овој заем треба да се подобри транспортната поврзаност долж Коридорот 8, меѓу Скопје и Деве Баир. Подобрената источна секција од патот на Коридорот 8 ќе придонесе кон зајакнување на интеграцијата на земјата во регионот и во ЕУ, ќе го олесни пристапот до нови пазари, ќе обезбеди подобра поврзаност и пониски трошоци.
 
Ова е вкупно трет транспортен проект за патишта кој Светска Банка го финансира во Македонија. Со првиот, кој ќе заврши на крајот од годинава, се рехабилитираа 284 километри регионални и 400 километри локални патишта. Вториот проект е за подобри магистрални и регионални делници на Коридорот 10 и 8.