Учениците од „Арсени Јовков“ на домашно лекување, полицијата го истражува случајот

01.10.2015 16:27

Сите ученици и професори кои беа хоспитализирани на Токсикологија и во Градската болница се пуштени на домашно лекување. Лекарите велат дека средството најверојатно било користено на шега...

Иритација на очите и грлото, без посериозни компликации, предизвикала распрсканата материја во холот на економското училиште „Арсени Јовков“. Сите ученици и професори кои беа хоспитализирани на Токсикологија и во Градската болница се пуштени на домашно лекување. Лекарите велат дека средството најверојатно било користено на шега.

„По кажувањата на професорите и директорката имало чад може да станува збор за димни бомби. Затоа точно не можеме да кажеме за што се работи. Според мене ако е солзавец симптомините би биле поизразени и би се јавиле повеќе луѓе. Ова е обична иритација“, вели д-р Нестор Поповски- Клиника за токсикологија.

Токсиколошките анализи, дадени на испитување на Судска медицина, треба да покажат од каков вид е средството што било распрскано.

„Обезбеден е видео надзорот од училиштето кој ќе се анализира во текот на денот. Се работи на утврдување на идентитетот на лицата кои стојат зад настанот. Веројатно станува збор за лице или лица кои не се од тоа училиште“, изјави Иво Котевски- помошник министер за односи со јавност во МВР. 

Истрагата треба  да покаже и дали ова било обид за губење на  наставата или намери биле други.

По вчерашниот инцидент во средното економско училиште „Арсени Јовков“ денеска настава има. Учениците се во училишните клупи. Во интерес на истрагата директорката на училиштето не сакаше да коментира за вчерашниот инцидент.  

Учениците не стравуваат за нивната безбедност:

„Ништо не знаеме. Не ми е страв да одам на училиште. Еднаш имаше пријава за лажна бомба.“

„Дденеска само четири часа имавме, друго не знам.“

Сепак, министерот за образование, Адеми порачува до директорите повеќе да работат на безбедноста во училиштата.

„Апелирам не само до ова училиште туку до сите училишта во Република Македонија до менаџерите, до директорите да работат повеќе на безбедноста на учениците внатре во училиштето и дворот, и вакви настани да не се случуваат повеќе во иднина“, изјави министерот за образование Абдулаким Адеми.

Вчера попладне, 16 ученици и еден професор беа пренесени во болница откако се пожалиле на кашлица, печење на очите и грлото, како последица на вдишување непозната материја. Веднаш потоа останатите беа евакуирани.

 

Андријана Атанасовска