Се подобрува патната инфраструктура, ќе се гради патот Ранковце – Крива Паланка

01.10.2015 16:32

Градежните работи ќе траат 3 години, а патот треба да биде отворен за сообраќај кон крајот на 2019-та година. Наскоро ќе биде објавен тендерот за делницата од 26,6 километри...

Со 83 милиони евра од Светска Банка ќе се гради патот Ранковце – Крива Паланка и ќе се подобрува патната инфраструктура во земјава.  Бордот на директори и одобри заем на Mакедонија. Градежните работи ќе траат 3 години, а патот треба да биде отворен за сообраќај кон крајот на 2019-та година. Наскоро ќе биде објавен тендерот за делницата од 26,6 километри.

Се инвестира во инфраструктурата. Се решава деценискиот проблем со водата за пиење во општината Росоман, во селата Mанастирец и Рибарци. Од денеска жителите ќе имаат чиста вода за пиење. Министерот Ставрески со градоначалникот Лазов го пуштија во употреба новиот резервоар што ќе обезбеди 250 кубни метри вода за 3.000 жители. Инвестицијата чини 2,2 милиона евра.

Вицепремиерот Ставрески во Росоман се сретна со жителите и ги слушна нивните проблеми. Пензионерите рекоа дека се задоволни од покачувањето на пензиите, а земјоделците се пожалија за доцнењето на исплатата на обесштетувањето од невремето кое го зафати овој регион.

Ставрески изврши увид во градежните работи на повеќе улици во оваа општина. Најави изградба на патот Росоман - Сирово. За ова, владата обезбедила околу 520 илјади евра. Градоначалникот Ллазов дополнително информираше и за сработеното и за тековните проекти.

Вицепремиерот Зоран Ставрески посетата на општината Росоман ја заврши во винаријата „Тиквеш Гоце Делчев“ каде се информираше за текот на откупот на грозјето и неговата реализација.

 

Викторија Милевска