Креирање заеднички производ- предизвик за земјите од регионот

01.10.2015 16:53

Следен предизвик за бизнис заедницата на земјите од Југоисточна Европа е креирање заеднички производ, органиизиран настап на трети пазари, и подобрување на транспортната инфраструктура. Ова е пораката од деловно регионалниот форум во организација на платформата „Бизнис плус“ зад која стојат влијателни медиуми од 6 Балкански земји...

Секој пазар е специфичен и потребно е компаниите да се прилагодат, но на сите ни е јасно дека поединечно сме премали за добивање подобра позиција при настап на странските пазари. Потребна е заедничка соработка и настап доколку сакаме да бидеме успешни. Ова е ставот на бизнисмените кои дебатираа на регионалниот бизнис форум во Скопје за предизвиците со кои се соочуваат во извозот.

„Користиме одрдени поволности кои ги имаат одредени земји со други и секако во време кога секој денар треба да се заштеди бараме начини како синергетски да успееме преку втори да настапиме на трети пазари, кои се некако сродни поврзани и овозможуваат тоа ние поуспешно да го направиме“, изјави Живко Мукаетов, Алкалоид - Скопје.

Простор за соработка има и при производство на ексклузивни производи наменети за најпробирливите потрошувачи. Следен чекор е производстврената кооперација и креирање заеднички производ.

„Ние сме заинтересирани за соработка со фирми од регионот и размена на производи и компоненти за производство.  Ние сме мала економија и мора да се специјализираме  и да работиме големи серии за да бидеме конкурентни  на странските пазари“, изјави Мухамед Пилав, „MS&woods“, Босна и Херцеговина.

Обемот на трговска размена меѓу земјите во регионот е скромна. Македонија и Босна и Херцеговина лани размениле стоки вредни 120 милиони евра. Простор за раст има велат министрите, а за трговците Египет е поблиску од Македонија.

„Во БиХ ретко можеме да консумираме македонско вино, а знаеме дека е меѓу најдобрите во овој дел на Европа. Раниот зеленчук и овошје во Босна побрзо доаѓа од Египет тколку од овде, од регионот кој ни е најблиску“, изјави Мирко Шаровиќ, министер за надворешна трговија на БиХ.

Бизнисмените бараат производно поврзување и заеднички настап, а Владите ветија предвидлива бизнис клима во намера да се справат  со предизвикот на растечката неизвесност во глобалната трговија.

 

Свето Николовски