Превенција и намалување на судирот на интереси

01.10.2015 17:16

Претставници на сите државни институции, невладиниот сектор, ОБСЕ, експерти од Европската комисија и бизнис секторот во Струга расправаат за доградување на предлог текстот на Државната програма кој го изработи Државната комисија за спречување корупција за периодот од 2016-та до 2019-та година. Овој докомент треба да придонесе за превенција и намалување на судирот на интереси...

Државната програма за периодот од 2016-та до 2019-та е стратешки документ со кој Република Македонија ќе ги следи антикорупциските стандарди на Европската Унија. Програмата за која е веќе изработен базичен текст ќе придонесе за превенција и намалување на судирот на интереси, а работилниците како денешната во Струга треба да придонесат за нејзино надградување и подобрување.

„Сите земји, 54 земји што се потписнички на конвенцијата, сите имаат обврска тоа да го направат и донесат своја програма за работа, која што институциите во државата се должни да ја следат, да ја имплементираат“, изјави Горан Миленков- претседател на Државната комисија за спречување корупција.

Со донесувањето на документот Антикорупциска ќе има обврска да ги следи институциите при што ќе може да процени колку тие ја имплементираат програмата.

„Државната комисија за спречување на корупцијата тука веќе со нејзиното донесување ќе има и обврска да ги следи институциите како и во која мера тие ја следат. Тоа впрочем е обврска од планот на активности што го донесе владата и го достави до Европската Комисија и со кое ние сме обврзани да ја донесеме оваа програма. Одиме во добри насоки“, нагласува Миленков.

Државната програма за превенција и намалување на судирот на интереси се очекува да биде донесена на 9 декември, Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

 

Сашо Нелоски