Готов е проектот за обнова на Трескавец, идната недела постапка за тендер
Трескавец ќе почне да се обновува. Готов е проектот, а идната недела ќе почне постапката за Тендер. Во Прилеп претставена новореставрирана, втора градска куќа. Со големиот проект на Министерството обновени една третина македонски староградски куќи...

Готов е целиот проект за Трескавец. Приелепскиот музеј ќе ја почне постапката за тендер за побрза обнова на опожарените манастирски конаци.
„Веќе во фаза сме на добивање на конзерватоско одобрение од Управата за заштита на културното наследство и веќе надлежната институција Завод и музеј од Прилеп ќе може од следната недела да започне со постапката за објавување на тендер“, вели министерката за култура Елизабета Канческа- Милеска.
Во меѓувреме уште една староградска куќа, втора во Прилеп го доби, својот некогашен сјај. Куќата на Жеревци, стара 115 години, зад раскошната архитектура ги чува спомените на генерациите на ова прилепско семејство.
„Многу големи спомени. Ние сме четврта генерација. Се гордееме многу и оставам аманет да не ја продаваат оваа убавица“, вели сопственикот Александар Жерески.
Обемниот проект за реставрација на македонските староградски куќи до 2018, досега заврши една третина од работата.
„Овој проект е дел од програмата на владата на република Македонија за обнова на фасадите на старите градски јадра, се со цел да се сочува автентичнота и да се врати сјајот на градителската архитектура, карактеристична за градот Прилеп“, рече Канческа- Милеска.
Прилеп чува малку но вредни старограски градби. Ќе се обновува и трета автентична куќа
„Многу малку ни се останати. Некаде околу 10-ина се останати во Прилеп“, вели директорката на „Завод и музеј“ Прилеп, Гордана Данилоска- Спироска.
Кон обновените градби, заштитени со закон, ќе им се придружи и прилепската чаршија.
„Работиме заедно со „Завод и музеј“ Прилеп за започнување на реконструкција на дел од фасадите во старата чаршија“, изјави градоначалникот Марјан Ристески.
За обновата на куќата на Жеревци се потрошени 3, 8 милиони денари.
Елизабета Митреска
