Американски компании заинтересирани за инвестиции во Македонија

02.10.2015 14:09

Можностите за инвестирање во земјава вчера беа претставени пред американските компании на бизнис форумот во градот Хартфорд во сојузната држава Конектикат. Во обраќањето премиерот Никола Груевски нагласи дека растот од 2,9% во првата половина на 2015-та, ја вбројува Македонија меѓу петте надобри европски земји според економските перформанси...

Ниско и умерено ниво на државен долг, стабилен курс на националната валута, ниска стапка на инфлација, раст на извозот од технолошко-индустриските развојни зони, премиерот Груевски ги презентираше поволностите за инвестирање во Македонија пред бизнисмените од Конектикат, кои гарантираат предвидливо опкружување што е потребно за реализација на долгорочните планови за раст на бизнисите. Како резултат на владините политики, земјата остварува стапки на раст на бруто- домашниот производ што е показател за доброто економско опкружување.

„Во минатата година Македонија имаше раст на БДП од 3,8%, што беше втор најголем раст во Европа, во претходната 2013 година, исто така, бевме втора најдобра земја според растот на БДП во Европа. Во првата половина од оваа година растот изнесуваше 2,9%, што е еден од најдобрите пет резултати во Европа, и веруваме дека до крајот на годината ќе продолжиме со оваа добра динамика и повторно ќе бидеме меѓу земјите со најголем раст во Европа“нагласи пред американските бизнисмени, премиерот Никола Груевски.

Присутните американски бизнисмени со позитивна оценка за владините политики и можностите што ги нуди државава. „Амфенол“ планира проширување на веќе постојните капацитети во Македонија.

„Во следните 12 до 18 месеци планираме значително да се прошириме во Македонија. Владата многу ни помага во делот на обезбедувањето дозволи и пристап, со цел да ги изградиме фабриките побрзо да одговориме на големите барања за дуплирање и триплирање на капацитетите и да одговориме на барањата на клиентите“, изјави Зак Рајли, потпретседател на „Анфенол“.

По слушнатите презентации за поволностите што се нудат, и заради добрата економска понуда, американските бизнисмени сериозно ја земаат предвид Македонија како потенцијална дестинација за нивните бизниси.

„Имаме бизнис за развој на медицинска технологија со производство во Европа и во Америка што го дистрибуираме во повеќе од 70 земји во светот. Од она што го слушнав денеска, за можностите за правење бизнис, Македонија се најде на мојот радар за натамошни истражувања, како опција и можност за главно седиште и локација за бизнис-активности на европскиот пазар“, рече Ентони Вискоглиози-директор на компанијата „Вискоглиози“.

Премиерот Груевски пред бизнисмените ги спомена и поволностите што се нудат во технолошко-индустриските развојни зони и најниските трошоци во Европа за правење бизнис.

Персоналниот данок изнесува 10%, данокот на добивка е исто така 10%, а доколку добивката се реинвестира, овој данок е 0%. За многу сектори данокот на додадената вредност е намален од 18 на 5 насто. Континуирано ги намалуваме царинските давачки и сега тие се многу ниски. Исто така, ги намаливме и придонесите за социјалното и здравственото осигурување и на тој начин го креиравме најдобриот даночен пакет и за домашните и за странските инвеститори, затоа што се што правиме, правиме и за домашните и за странските компании“, истакна премиерот Груевски.

На листите на меѓународни финансиски организации Македонија во континуитет бележи напредок за добрата бизнис-клима. Како што потенцира Груевски, тоа е уште една потврда на континуираните заложби за унапредување на деловното опкружување.

 

Милчо Велески