Македонската филхармонија со два концерти во Њујорк

02.10.2015 14:43

Во престижните „Кауфман„ и „Карнеги Хол“, за пет дена под диргентската палка на маестро Борјан Ценев, камерниот оркестарот ќе ја претстави македонската музичка култура...

Во срцето на светските случувања - Њујорк, Македонската филхармонија ќе има два концерта. Во престижните „Кауфман„ и „Карнеги Хол“, за пет дена под диргентската палка на маестро Борјан Ценев, камерниот оркестарот ќе ја претстави македонската музичка култура. Како солист ќе настапи и кларинетистот со свeтско реноме Исмаил Лумановски.  Ќе бидат изведени композиции од Тура и Барток, и едно македонско дело од Коларовски.

„Тоа може би е едно од бисерите во камерната литература за гудачки оркестар и може би од најтешките дела кои што постјат во таква форма. Многу храбро го избравме, работиме напорно и сите имаме позитивен стрес“, изјави маестро Борјан Ценев.

„Карнеги Хол“ ќе биде домаќин на вториот концерт, каде филхармонијата ќе настапи со Дуке Бојаџиев. Интересот е голем, билетите се поделени.

„Ако ги погледнете програмите кој се настапува во овие Концертни сали ќе видите дека најдобрите имиња се во концертните сезони и на двете сали. И да се биде дел од една ваква концертна сезона е остварување на голем сон“, нагласи Маја Чаначевиќ - директор на Македонската филхармонија.

Гостувањето на нашиот оркестaр во Њујорк е подржан од Министерството за култура.

„Овој концерт за Македонската филхармонија која е најстара национална установа во областа на музичко сценската дејност ќе биде голем предизвик и поттик нашите музичари најдостоинствено ја да престават Република Македонија во овој светски центар“, изјави Елизабета Канческа Милевска, министер за култура.

Гостувањето на оркестарoт во Њујорк е голем успех за македонските уметници и култура.

 

Андријана Атанасовска