Ставрески: Исполнето најкрупното владино ветување за зголемување на пензиите

05.10.2015 14:17

Во Буџетот за 2016 година е предвидено ново зголемување на пензиите за 650 денари, кое пензионерите ќе го добијат во октомври...

Повеќе од 300.000 пензионери го добија ветеното зголемување на пензиите од 621 денар. Зголемувањето на пензиите и поддршката што ја добиваат пензионерите од Владата преку други проекти, беше повод за средба на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов со раководството на Сојузот на пензионери на Македонија.

„Исполнето е едно од најкрупните ветувања на Владта на Република Македонија. Од утрово во цела земја за околу 300 илјади пензионери почна исплатата на зголемената пензија. Како што ветивме, линеарно секој пензионер доби зголемување од 621 денар и на тој начин помагаме да се подобри животниот стандард на пензионерите“, изјави по средбата вицепремиерот Ставрески.

Зголемувањето е линеарно кај сите пензионери, а е најголемо кај оние со околу 9.000 денари пензија, каде зголемувањето изнесува 7 проценти. Во Буџетот за 2016 година е предвидено ново зголемување на пензиите за 650 денари, кое пензионерите ќе го добијат во октомври. Заклучно со ова зголемување, просечната пензија има пораст од 70 проценти, а на најниската пензија порасатот изнесува 84 проценти.