Угостителите бараат намалување на давачките кон ЗАМП за авторски музички права
Лани, здружението инкасирало само по оваа основа 11 милиони денари, а поедини објекти платиле до 12 ијади евра годишно за оваа цел. Бизнисот бара разговори и реално пресметување на давачката...

Хотелско угостителскиот еснаф реагира на висината на трошоците што ги плаќа кон ЗАМП за авторски музички права. Лани, здружението инкасирало само по оваа основа 11 милиони денари, а поедини објекти платиле до 12 ијади евра годишно за оваа цел. Бизнисот бара разговори и реално пресметување на давачката. Намалување на вредноста на бодот за половина и плаќање според искористеност на капацитети.
„Имаме капацитети во рурални предели кои се искористени 25-30-40%, а фактички тарифата се плаќа 100%. Исто така, не се ставени во еден добар сооднос со хотелите во Скопје. На запад, фактурираат според искористеност на капацитетите“, вели Славе Сирачевски, Здружение за угостителство и туризам.
Само лани давачките кон ЗАМП пораснале за 23,6%, без какво било образложение, велат угостителите. Дури и скромно пополнети помали објекти во рурални предели морале да плаќаат дневно најмалку по 1.200 денари за оваа намена. Речиси исто како и за ДДВ.
„Во тарифа 2 се пресметува 12% од приходот што го остваруваат хотелите и угостителските објекти кога организираат забави. Ова е нереално и исклучително висок процент бидејќи ако се направи некоја симулација би дошло дека тие како двапати да плаќаат износ на ддв , што е навистина преголем трошок за нив“, изјави Даниела Михајловска – Василевска, Стопанска комора на Македонија.
Хотелите и угостителите се подготвени да плаќаат реален трошок за авторски и музички права. Бараат намалување за половина на вредноста на пресметковниот бод, но и увид како се распределуваат наплатените средства, што засега ЗАМП не го прифаќа. Само лани од концерти, забави, јавни и комерцијални телевизии и од кабелски оператори, ЗАМП инкасирал вкупни приходи кои надминале 135 милиони денари. МРТ платила 6, комерцијалните телевизии 15, а кабелските оператори 90 милиони денари.
Свето Николовски
