Наскоро ќе стартува Академијата за наставници

05.10.2015 16:09

Запишувањето нема да биде задолжително за постојниот наставнички кадар. Но, стимулот и за нив би била повисока плата од 3.000 денари и напредок во кариерата...

Со обука и пракса до лиценца - ќе стартува Академија за наставници. Запишувањето нема да биде задолжително за постојниот наставнички кадар. Но, стимулот и за нив би била повисока плата од 3.000 денари и напредок во кариерата. Со завршен Педагошки факултет обуката ќе трае шест месеци, за останатите повеќе.

„Доколку за предметни наставници има завршено надвор од Педагошкиот факултет тогаш тој ќе следи настава од 9 до 12 месеци во кои повеќе од 50 проценти ќе му биде пракса. Не значи дека ако некој завршил Географија, Машински итн., дека тој не е добар, не велиме дека не е добар туку велиме дека треба да се обучи со доплнителни вештини за наставник“, изјави Абдулаќим Адеми, министер за образование и наука. 

Просветни работници велат дека за квалитетно образование, промени се неопходни.

„За да биде некој наставник и да може да работи со деца практичната работа е најважна. После 4-5 години може да кажеме дека тој може да работи со деца, до тогаш има приправник една година, па треба да се обучува, поискусен работник да му дава насоки. Наставничката професија е мајсторија на некој начин, занает. Тоа практично најубаво се учи“, изјави одделенскиот наставник Жаклина Ристовска.

Во тек е избор на Управен одбор за Академијата, кој потоа ќе распише и меѓународен оглас за директор. На Светскиот ден на учителот, беа доделени признанија на најдобрите просветни работници.

 

Андрајана Атанасовска