Бегалска криза: Финансии и солидарност за справување со мигрантите

05.10.2015 16:29

Кризниот штаб управува најдобро што може со центрите во Гевгелија и Табановце, но се соочува со недостиг на финансиски средства, вели директорката на Центарот за управување со кризи, Сузана Салиу...

Македонија покажа високо ниво на солидарност и хуманост во прифаќањето на бегалците. Кризниот штаб управува најдобро што може со центрите во Гевгелија и Табановце, но се соочува со недостиг на финансиски средства, вели директорката на Центарот за управување со кризи, Сузана Салиу.

„Сите главни чинители кои учествуваат во Кризниот штаб, кога сакаме некој заклучок да донесеме и да го спроведеме, се поставува прашањето на финансиите“, вели Салиу.

Според надлежните, поради својата определба за отвореност на границите, Македонија нема да подигне ѕид за беглаците. Слични тонови доаѓаат и од нашиот северен сосед

„Ние се спротивставивме на затворањето на нашата северна и западна граница бидејќи времето на ѕидови и бодликави жици е минато“, изјави Душанка Дивјак-Томиќ, амбасадор на Р. Србија во Македонија.

Италија повикува на заеднички напор за коренито решавање на проблемот.

„Не се работи само за блокирање на терористичките активисти, туку и да се решаваат и политичките прашања во земјите, бидејќи феноменот започна кога колабираше Либија“, смета Ернесто Масимо Белели, амбасадор на Р. Италија во РМ.

„Не може да се биде супермаркет и да се зема од ЕУ, членството во Унијата значи солирадност, права, финансиски можности, но и одредени обврски“, вели Зоран Шапуриќ, професор на УАКС.

Проценките на УНХЦР се дека бегалската криза нема да стивне наскоро.

„Ќе продолжат да се движат и треба да се очекуваат уште повеќе бегалци што ќе ги напуштаат своите земји“, нагласи Мохамед Ариф, претставник на УНХЦР во Македонија.

Црвениот крст на Македонија предупредува дека ќе има наплив и во зимскиот период.

„Тоа значи подготовка на нашето работење за сето тоа што го имавме, но дополнително во топла облека, во чаеви, во сето тоа што им е потребно на луѓето кои патуваат, а се под отворено небо“, рече Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст на Македонија.

Македонија е среде Балканската рута низ која од почетокот на бегалската криза поминаа 300 илјади лица од кои 80 проценти само од Сирија.

 

Фиљана Кока