Пензионерите задоволни, повисоките пензии легнаа на сметките
Повисоките пензии легнаа на сметките на 300.000 пензионери. Со линеарното покачување од 621 денар, просечната пензија сега е двојно повисока во споредба со 2006-та. Вицепремиерот Ставрески вели дека ова е најкрупно исполнето владино ветување. Пензионерите се задоволни што пензиите во Македонија растат, во време кога во регионот тие се намалуваат...

300 илјади пензионери ги подигнаа повисоките пензии за 621 денар. Скопјанецот Мирко Малиновски е еден од нив. Работел како молер, во пензија е веќе 15 години. Вели зголемувањето е добредојдено за семејниот буџет.
„Подобро е, што значи дека не одиме надолу, туку одиме во нагорна линија“, вели пензионерот Малиновски.
„Линеарното зголемување на пензиите има за цел да го подобри животниот стандард на пензионерите“, вели вицепремиерот Ставрески. Според него, ова ова е најкрупно исполнето владино ветување.
„Исполнето е едно од најкрупните ветувања на Владта на Република Македонија. Од утрово во цела земја за околу 300 илјади пензионери почна исплатата на зголемената пензија. Како што ветивме линеарно секој пензионер доби зголемување од 621 денар на пензијата и на тој начин помагаме да се подобри животниот стандард на пензионерите“, нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Пензиите континуирано растат во изминатите девет години. Пресметките покажуваат дека просечната пензија заклучно со октомври е повисока за 70%, а најниската пензија за 84%. Освен повисоки пензии, продолжуваат и поволностите за бесплатни бања и туристички викенд.
„Продолжуваме со реализација на дадените ветувања. Во собраниска процедура се изгласаа измените на Законот за пензиско и инвалидско осигрувуање за зголемување на пензиите во 2016-та година“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Пензионерите се задоволни што пензиите во Македонија растат, во време кога во регионот тие се намалуваат.
„Пензиите секаде се намалуваат само кај нас се зголемуваат. Со денешното зголемување просечната пензијата изнесува 220 евра, додека во Србија е 190, Бугарија 135 евра, во Косово 120 и во Албанија 145 евра“, рече претседателот на Сојзуот на здруженијата на пензионери, Драги Аргировски.
Според статистика, просечната пензија во 2006-тата изнесувала 7.638 денари, сега таа сума е речиси двојно повисока- достигна 13.085 денари.
Дијана Ценевска
