Ставрески: Експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка станува реалност
Изградбата на патот Крива Паланка- Ранковце, инвестиција тешка 83 милиони евра, ќе почне напролет следната година. Потпишан договорот за заем од Светската банка...

Во Министерството за финансии денеска беа потпишани договорите со Светска банка за заем од 83 милиони евра за реализација на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка.
Изградбата на патот Крива Паланка- Ранковце, инвестиција тешка 83 милиони евра, ќе почне напролет следната година. Потпишан договорот за заем од Светската банка. Ќе се подобри транспортната поврзаност на Коридорот 8, од Скопје до Деве Баир.
„Со потпишувањето на овој договор станува реалност експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка. Пат кој е од исклучително големо значење за граѓаните од североисточниот дел на Македонија, но и за сите граѓани што патуваат кон Бугарија, бидејќи ќе се изгради нов модерен пат со по две ленти од двете насоки и кој ќе овозможи побрз и побезбеден проток“, изјави по потпишувањето вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Заемот е одобрен по исклучително поволни услови, односно рок на отплата од 28 години, грејс период од 8 години и каматна стапка од 6-месечен еуролибор кој во моментов изнесува 0,88 проценти.
