Министерството за култура откупи 45 уметнички дела и 18 скулптури
Пристигнале пријави за 313 ликовни дела, а на конкурсот за откуп на скулптури биле доставени пријави за 97 дела...

Четириесет и пет дела од 42 автори се избрани на вториот конкурс на Министерството за култура за откуп на визуелни уметнички дела и 18 скулптури на 15 автори се избрани на конкурсот за откуп на скулптури од галериски формат.
„Откупот на уметничките дела несомнено се покажа како вистински модел за поддршка на македонските автори и македонското творештво. Токму со оваа стимулативна мерка, на долг рок, верувам дека ќе се унапредат состојбите во ликовната дејност кај нас, ќе се овозможи дополнување на музејските збирки на нашите институции со вредни содржини, а воедно авторите ќе се стимулираат да создаваат поголема и поквалитетна продукција на дела“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Пристигнале пријави за 313 ликовни дела, а на конкурсот за откуп на скулптури биле доставени пријави за 97 дела. За овој проект Министерството за култура намени 6 милиони денари. Највисокиот износ за откуп на уметничко дело на вториот конкурс е 5.000 евра.
