Се градат 560 километри патишта
Се работи на новите автопати, регионални и локални патни правци. Ќе почне реконструкцијата на неколку нови делници, најави министерот Мисајловски. На Македонија и се потребни кадри за квалитетна реализација на проекти во инфарструктурата...

Градежната оператива е на терен. Се работи на новите автопати, регионални и локални патни правци. Пресметките на ресорното министерство покажуваат – изградени или во тек на градба се 560 километри патишта, во план уште нови 200. Обновени се 390 локални патни правци во должина од над 700 километри.
„Ние вложуваме максимални напори во создавање на квалитетна инфраструктура за идните генерации. Моментално работиме на изградба на 156 километри нова автопатска мрежа, или изградба на три нови автопати. Набрзо ќе отпочнеме со реконструкција на уште неколку автопатски делници“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.
Македонија има квалификувани работници што можат да оговорат на зголемениот обем на работа – велат од Градежниот факултет, установа која веќе 66 години го профилира потребниот кадар. Досега овој факултет продуцирал 4.000 градежни инженери.
„Ова е факултет со долга традиција, а нашите инженери се докажале во струката, не само кај нас, туку и насекаде во светот. Градежниот факултет покажува интерес за своите кадри и е еден од најлибералните факултети кај нас, кој е секогаш спремен да им помогне на своите помлади колеги“, изјави деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Дарко Мославац.
Последните податоци покажуваат дека градежништвото учествува со околу 35% во БДП, вработува над 40 илјади работници, а поддржува уште 36 други стопански гранки.
Викторија Милевска
