Продолжен рокот за упис на Филмската академија во Охрид
Заинтересираните студенти на една од двете катедри: Сценарио или Продукција ќе можат да аплицираат до крајот на оваа недела...

Продолжен е рокот за упис на филмската академија во Охрид. Заинтересираните студенти на една од двете катедри: Сценарио или Продукција ќе можат да аплицираат до крајот на оваа недела. Министерството за образование и наука ќе додели 20 целосни стипендии на најдобрите кандидати која ќе ги покрие трошоците за студирање, сместување и за исхрана. Можат да аплицираат кандидати од земјава и странство.
„Апелирам до сите студенти во Македонија и во регионот кои сакаат да се запишат, односно да го продолжат своето последипломско студирање на оваа Академија да ја искористат можноста да аплицираат. Станува збор за за една од најпрестижните школи во светот, петта најстара во светот на која што еминентни имиња од филмската индустрија имаат учено, дел од нив потоа станале дел од таа академија“, изјави заменик- министерот за образование, Спиро Ристовски.
Тригодишните студии на Институтот за филм ќе се изведуваат на англиски јазик, приспособени според стандардите и долгата традиција на Филмската академија во Прага. Освен редовните, во Охрид ќе предаваат и визитинг професори од Чешка, што ќе им овозможи на студентите да учат од најдобрите во областа на филмот. Академската година за избраните и стипендирани постдипломци ќе започне идниот месец.
Андријана Атанасовска
