Извештај на Прибе за следење на комуникациите

06.10.2015 17:33

Извештајот на експертската група што ја предводи Прибе, за следење на комуникациите, пред Комисиите за надзор на работата на безбедносните служби. За опозицијата – реален, за власта – субјективен. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со предлог-закон во иднина да не се објавуваат снимки од прислушувани разговори...

Извештајот на експертската група предводена од Прибе за опозицијата реален, за мнозинството субјективен. Опозицијата останува на ставот дека власта нелегално прислушувала. За првиот човек на Комисијата за контрола на работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање, Локвенец, евидентно е дека во Македонија има недостиг на парламентарна контрола врз тајните служби. Побара и техничка екипираност на собраниските тела кои би помогнале во стручната контрола на опремата што ја имаат надлежните институции.

„Сме биле предмет на следење на комуникациите, или народски кажано жртви на прислушувањето. Затоа најдобро да зборуваме како да профункционира системот на парламентарна контрола, преку кој ќе се гарантира дека ова никогаш повеќе нема да се повтори“, изјави Хари Локвенец.

Извештајот на експертскиот тим предводен од Прибе е субјективен и треба да се земе со резерва, смета Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ. Невозможно е само за 7 дена да се направи реална проценка на политичката и безбедносната состојба во Македонија. Собраниските комисии може да ја контролираат примената само на посебните истражни мерки при следењето на комуникациите, а не на сите ПИМ мерки. Смета дека надлежните комисии не функционираат бидејќи нема политичка волја за тоа кај опозицијата.

„Да не се лажеме- најголем корисник на илегално стекнатите материјали од прислушуваните разговори во РМ е опозицијата. Кој друг има бенефит од материјалите кои ги објавуваше опозицијта, ако не само тие“, нагласи Павле Саздов.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во Собранието доставија предлог-закон по скратена постапка за запирање на објавувањето на нелегално стекнатите прислушувани материјали. Како што појасни Талат Џафери, по стапувањето во сила на законот, во рок од 5 дена сите што поседуваат такви материјали треба да ги предадат до специјалниот јавен обвинител. Казниво дело ќе биде и реемитувањето на веќе објавените аудиоснимки во медиумите.

„Злоупотребата на овие материјали по влегувањето во сила на законот претставува крвично дело и кривично ќе се гони онака како што во материјалниот дел законот предвидува“, изјави Талат Џафери.

Сите се согласни за едно, потребни се коренити реформи на безбедносните служби. За да нема злоупотреба од поединци, мора да има и строга селекција при вработувањата во нив.  

Милчо Велески