Македонската филхармонија гостува во Њујорк
07.10.2015 10:56
Првиот концерт е вечер во музичкиот центар „Кауфман“ каде под диригентство на Борјан Цанев ќе настапи кларинетистот Лумановски...

Македонската филхармонија првпат во 71 година постоење ќе настапи во Њујорк. Нејзиниот камерен оркестар денеска и утре во две престижни сали во светската престолнина ќе одржи концерти со класична и популарна музика, на кои како солисти ќе настапат Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски.
Првиот концерт е вечер во музичкиот центар „Кауфман“ каде под диригентство на Борјан Цанев ќе настапи кларинетистот Лумановски. Тој потекнува од Македонија и живее во Њујорк каде што има забележителна кариера. Програмата е составена од дела на Бела Барток, Хасан Тура и од македонскиот композитор Гоце Коларовски.
Вториот концерт е утре (8 октомври) во престижниот Карнеги хол, каде ќе биде репризиран концертниот проект „Сон. Верба. Љубов“ кој во февруари годинава Филхармонијата го изведе во Македонската опера и балет со нашиот истакнат композитор со њујоршка адреса, Дуке Бојаџиев. Гости на неговиот концерт во Њујорк ќе бидат Каролина Гочева, Александар Петров и Васко Дуковски.
Гостувањето на Филхармонијата во Њујорк е поддржано од Министерството за култура.
По концертите на Филхармонијата, македонската култура во Њујорк оваа седмица ќе биде презентирана уште со два настана во Македонскиот културен центар. Ќе биде отворена изложба на уметниците Ацо Таневски и Ивана Пирковска и промовирано аудиоиздание со традиционални македонски изворни песни во издание на американскиот „Смитсонијан музеј“.
